
Што претставува абдоменалната висцеларна терапија
Кога стомакот не бара само диета — туку и простор да се опушти
Понекогаш анализите се добри. Нема јасна органска причина. А сепак стомакот е постојано надуен. Тежок. Тврд. Напнат. Како нешто да стои во него. После јадење се појавуваат гасови, притисок или чувство на преполнетост. Во стресни периоди дигестијата веднаш се менува. Некогаш доаѓа запек, некогаш нередовна столица. Дишењето станува плитко, дијафрагмата е стегната, а човекот има чувство дека едноставно не може да го пушти стомакот да се опушти.
И токму тука започнува мојот начин на гледање на абдоменот. Не како изолиран орган. Не само како желудник. Не само како црева. Туку како простор во кој истовремено се среќаваат дигестивниот систем, дијафрагмата, нервниот систем, крвната и лимфната циркулација, фасцијата, мускулите, карличниот предел и нашата реакција на стрес.
Затоа понекогаш на стомакот не му треба уште една рестриктивна диета. Понекогаш му треба да престанеме да го гледаме само одвнатре — и да почнеме да го слушаме и преку допирот.
Што е висцерална абдоменална терапија?
Висцералната абдоменална терапија е нежна, индивидуализирана мануелна работа на абдоменалната област. Не станува збор за класична релакс масажа. Не е ниту агресивно „месење“ на стомакот. И не значи дека со рацете „местаме“ органи. Во третманот вниманието е насочено кон различни области на абдоменот, дијафрагмата и ткивата околу органите. Притисокот се приспособува според реакцијата на телото, чувствителноста на клиентот и неговата здравствена состојба.
Кај мене третманот не започнува со рацете. Започнува со разговор.
Како функционира дигестијата?
Кога се појавува надуеноста?
Каква е столицата?
Дали има рефлукс?
Како телото реагира на стрес?
Има ли операции?
Менструални тегоби?
Како се дише?
Каде човекот чувствува напнатост?
Дури потоа започнува мануелната работа.
Затоа две лица со „ист симптом“ кај мене не мора да добијат ист третман.
Зошто стомакот толку многу реагира на стрес?
Можеби си го забележала тоа и самата. Добиваш непријатна вест — и стомакот веднаш се стега. Треба да одиш на важен состанок — мораш во тоалет. Поминувате низ тежок период — исчезнува апетитот или, обратно, постојано бараш храна. Се нервираш — се појавува тежина, грч, „грутка“, киселина или надуеност.
Тоа не значи дека симптомот е „само психички“. Дигестивниот систем и нервниот систем комуницираат постојано преку т.н. gut–brain axis, односно оската црево–мозок. Кога организмот подолго време функционира во состојба на напнатост, нормално е и дигестијата да се однесува различно. Затоа за мене стомакот никогаш не е само место каде што се вари храната. Тој многу често е и место каде што телото ја покажува својата преоптовареност.
Дијафрагмата — делот што често го забораваме
Дијафрагмата е главниот мускул за дишење. Но таа не е важна само за белите дробови. При секое нормално длабоко вдишување и издишување, дијафрагмата се движи и создава ритмични промени на притисокот во градниот кош и абдоменот. Затоа начинот на кој дишеме има врска и со механиката на абдоминалната област. Кај човек кој цел ден е под стрес, со подигнати раменици и плитко дишење, многу често и абдоменот е несвесно затегнат. Затоа во мојата работа дишењето не е додаток на масажата — тоа е дел од третманот. Не сакам само да го допирам стомакот. Сакам човекот повторно да почувствува како изгледа кога може да го отпушти.
А што е со лимфата?
Длабоко во абдоминалната област кај многу луѓе се наоѓа cisterna chyli — Пекетова цистерна, структура која е дел од лимфниот систем и кај која се спојуваат лимфни патишта што носат лимфа од долните делови на телото и од гастроинтестиналниот регион. Од неа лимфата продолжува преку thoracic duct — градниот лимфен канал — и на крај се враќа во венската циркулација.
Но тука сакам да направам важна разлика. Не ја „цедиме“ Пекетовата цистерна со раце. Не притискаме едно место и не „испуштаме токсини“. Лимфната циркулација е сложен физиолошки процес во кој учествуваат движењето на телото, контракциите на мускулите, дишењето, промените во притисокот и сопствената активност на лимфните садови.
Затоа кога зборувам за лимфата во контекст на висцералната работа, зборувам за поддршка на природната динамика на ткивата и движењето, а не за некаков магичен „детокс“. Телото има сопствени системи за елиминација. Нашата работа е да не му пречиме — и каде што е соодветно, да му помогнеме да функционира во подобри услови.
Кај кои тегоби може да има смисла?
Најчесто кај мене доаѓаат луѓе што велат:
„Стомакот ми е како камен.“
„Се будам рамна, навечер изгледам како да сум бремена.“
„Што и да изедам, ме дуе.“
„Кога сум под стрес, веднаш ми се блокира желудникот.“
„Имам чувство како нешто да ми стои под ребрата.“
„Не можам да земам длабок здив.“
„Се чувствувам како цел стомак да ми е стегнат.“
Висцералната/абдоменалната мануелна работа може да се разгледува како дополнителна поддршка кај: надуеност и гасови, особено кога се поврзани со функционални дигестивни тегоби; запек и забавено празнење, чувство на абдоминална напнатост и тежина; функционални гастроинтестинални тегоби, кога сериозна органска причина претходно е исклучена; напнатост во дијафрагмата и плитко дишење; стомак кој силно реагира на психофизички стрес; чувство на затегнатост во долниот абдомен и карличната област, кога нема акутна гинеколошка состојба; затегнатост на ткивата по целосно заздравена операција, но само кога лекарот дозволил работа во областа; и кај луѓе кои едноставно имаат впечаток дека целиот абдомен им е во постојана состојба на „одбрана“.
Истражувањата за абдоменална масажа покажуваат ветувачки ефекти и врз некои други гастроинтестинални параметри, но доказите не се еднакво силни за сите состојби. Затоа ја користам како дополнителна, а не како замена за дијагностика или медицински третман.
А што е со желудникот и чувството на „грутка“?
Ова е нешто што често го слушам.
„Како да имам камен.“
„Како нешто да ми стои.“
„Немам болка, ама имам тежина.“
Таквото чувство може да има многу различни причини — гастроезофагеален рефлукс, функционална диспепсија, гастритис, хијатална хернија, мускулна напнатост, начин на дишење, стрес и многу други. Затоа не го дијагностицирам преку допир. Но ако сериозна патологија е исклучена, работата со дијафрагмата, дишењето и абдоминалната напнатост понекогаш може да биде корисен дел од поширок холистички пристап.
Цревата не се само „цевка“ преку која минува храната
Цревата имаат сопствен нервен систем, сложена моторика и комуникација со мозокот, имунолошкиот систем и микробиомот. Затоа кога некој има IBS или долготрајна надуеност, не мислам дека проблемот може да се реши само со една масажа. Понекогаш мора да се погледнат: исхраната, толеранцијата на одредена храна, ритамот на оброци, столицата, хидратацијата, движењето, спиењето, лековите и суплементите, микробиомот, стресот, и медицинските анализи. Висцералната терапија е едно парче од сложувалката — не целата сложувалка. И токму затоа може да биде толку корисна кога е поставена на вистинското место.
Што може да почувствуваш за време на третманот?
Третманот не треба да биде борба со телото. Работам со благ до умерен, контролиран притисок. На некои места можеби нема да почувствуваш речиси ништо. На други може да има чувствителност или затегнатост, пулс или притисок. Може да се слушне движење во цревата. Може спонтано да ти дојде подлабок здив. Некои луѓе чувствуваат топлина. Други чувствуваат силно опуштање. Некои едноставно велат:„Како конечно да ми попушти стомакот.“ Не барам болка како доказ дека нешто „работи“. Напротив. Ако телото покажува силна болка, мачнина, нагон за повраќање или значителна непријатност — тоа за мене е сигнал да престанам и повторно да проценам што се случува.
Зошто вклучувам и дишење?
Во текот на третманот користам и едноставни техники на свесно дишење. Не затоа што верувам дека со осум вдишувања ќе решиме хроничен проблем. Туку затоа што сакам човекот да излезе од третманот со нешто што може да го понесе дома: способност да почувствува кога го стега стомакот, да препознае како дише кога е под стрес, и постепено да научи повторно да го опушта телото. За мене тоа е суштината на холистичкиот пристап. Не сакам клиентот да зависи од моите раце. Сакам постепено подобро да го разбира сопственото тело.
Емоциите?
Тука сум особено внимателна. Верувам дека секоја болка во одреден орган има и една или неколку емоции зад себе. Исто така не можам да го игнорирам фактот дека телото реагира кога сме уплашени, тажни, преоптоварени, гневни или со години живееме под притисок. Емоцијата не е „измислена“. Таа има телесна реакција. Се менува здивот. Се менува мускулниот тонус. Се менува апетитот. Се менува дигестијата. Некој добива дијареја. Некој запек. Некој престанува да јаде. Некој јаде без престан. Затоа во мојата работа не го одвојувам човекот од неговиот стомак.
Дали една масажа е доволна?
Понекогаш и по една сесија човекот чувствува значително олеснување на напнатоста. Но тоа не значи дека проблемот е решен. Ако состојбата се развивала со месеци или години, би било нереално да ветам дека ќе исчезне за 60 минути. Првата сесија за мене е истовремено и третман и запознавање со телото. Гледам како реагира абдоменот. Кои региони се чувствителни. Како реагира дијафрагмата. Како човекот дише. Што се случува по третманот. Дури потоа разговараме дали има смисла да продолжиме. Кај некого ќе бидат потребни неколку средби. Кај друг — нема да бидат. Не продавам серија третмани по секоја цена. Ако сметам дека масажата не е вистинскиот следен чекор, тоа го кажувам.
Кога НЕ правиме висцерална масажа?
Ова е една од најважните работи. Не секој стомак треба да се масира. При нова или силна необјаснета абдоменална болка, висока температура, акутно воспаление или инфекција, активно крвавење, сомнение за акутна хируршка состојба, неодамнешна операција, нова необјаснета абдоминална маса или други алармантни симптоми — првиот чекор е медицинска проценка.
Исто така, за одредени заболувања, бременост, операции, тромбоза, онколошки состојби или други комплексни медицински ситуации, потребна е индивидуална проценка пред да се работи на абдоменот. Масажата никогаш не треба да биде начин да се одложи потребен лекарски преглед.
Како изгледа првата сесија кај мене?
Првата средба не започнува со: „Легни на маса.“ Прво разговараме. Ми кажуваш што те донело. Ги разгледуваме симптомите, навиките, досегашните анализи и важните медицински информации. Потоа следува нежна проценка на абдоменот и индивидуализирана мануелна работа. Во зависност од потребата можам да работам на различни абдоминални региони, дијафрагмата и околните ткива. Третманот го комбинирам со дишење и периоди на мирување. Првата сесија трае приближно 60–90 минути. Мојата цел не е за 90 минути да „најдам сè што не ти е во ред“.Мојата цел е да видам што му кажува телото кога конечно ќе му дадеме време и внимание.
Колку чини?
Прва висцерална сесија — 2.500 денари. Вклучува разговор, проценка и индивидуален третман.
Следна сесија — 2.200 денари. Доколку по првата сесија процениме дека има смисла да продолжиме, планот се одредува индивидуално. Не секој човек има потреба од ист број третмани.
Што висцералната терапија НЕ е
Не е замена за лекар. Не е дијагностика. Не „мести“ органи. Не „топи“ маснотии. Не ги „истиснува токсините“. Не лекува гастритис, цисти, хормонални нарушувања или IBS само со допир. И не треба да боли за да биде делотворна. Она што може да биде е еден внимателен, нежен и многу човечки начин повторно да воспоставиме контакт со дел од телото кој често го забележуваме само кога ќе почне да ни создава проблем.
Понекогаш стомакот не бара уште поголема контрола
Живееме во време во кое постојано го контролираме. Што јадев? Колку калории? Дали сум надуена? Што не смеам? Што морам да исфрлам? Кој суплемент ми недостига? Која анализа уште да направам? А понекогаш, покрај сите тие важни прашања, треба да поставиме уште едно: „Дали мојот стомак воопшто знае како е да биде опуштен?“
Токму тука за мене започнува висцералната работа. Не со ветување за чудо. Туку со допир. Со здив. Со внимание. Со слушање. И со почит кон телото како целина. Ако имаш хронично надуен, тврд или напнат стомак, чувство на тежина, функционални дигестивни тегоби или забележуваш дека стресот директно се пресликува во твојот абдомен, можеш да ми пишеш на маил или во порака на инстаграм „СТОМАК“. Ќе разговараме за симптомите и прво ќе процениме дали висцералната абдоминална терапија воопшто е соодветен избор за тебе.
HYGIA by Dr. Viktorija
Не ме интересира само што ти е. Ме интересира зошто ти е.
© HYGIA by Dr. Viktorija. Текстот, фотографиите и визуелниот дизајн се заштитени со авторски права. Секое неовластено користење, копирање или споделување без согласност е забрането.