Здравје и состојби

Кога антибиотикот повеќе не победува

Постои време кога антибиотикот беше чудо. Една таблета – и животот продолжуваше. Денес, бактериите не се исти. Тие учат. Се прилагодуваат. Преживуваат.  Современата наука отворено признава: постојат бактерии кои не реагираат на терапијата што некогаш спасувала милиони животи. НО! Дали знаеш дека буквален превод на зборот антибиотик е „против живот“ ?

12 НАЈЧЕСТИ БАКТЕРИИ ОТПОРНИ НА АНТИБИОТИЦИ

Современата медицина се соочува со сериозен проблем: бактериите учат да преживуваат. Со секоја неразумна употреба на антибиотик, ние всушност ги тренираме да станат посилни. Најчестите бактерии кои развиле отпорност: 

  1. Enterococcus – сепса, инфекции на уринарен тракт, постоперативни инфекции
  2. Haemophilus influenzae – менингитис, инфекции на уво, синуси, бели дробови
  3. Mycobacterium tuberculosis – туберкулоза
  4. Neisseria gonorrhoeae – гонореја
  5. Plasmodium falciparum – маларија
  6. Pseudomonas aeruginosa – сепса, пневмонија, уринарни инфекции
  7. Shigella dysenteriae – тешка дијареја
  8. Staphylococcus aureus – сепса, инфекции на бели дробови, хируршки рани
  9. Streptococcus pneumoniae – менингитис, воспаление на бели дробови и уво
  10. Klebsiella pneumoniae – сепса, пневмонија, инфекции на рани
  11. Escherichia coli – тешка и крвава дијареја
  12. Salmonella – тешка дијареја

И списокот расте. Не затоа што антибиотикот е слаб. Туку затоа што човекот го користи без почит. Кога антибиотик се зема без потреба. Кога се прекинува предвреме. Кога се консумира преку храна. Кога се користи како навика – а не како последна мерка. Бактеријата преживува. И следниот пат – таа е појака. Затоа денес зборуваме за имунитет, за превенција, за одговорност. И за нешто што модерната медицина повторно го открива: природните антибиотици. Природата никогаш не делува еднонасочно. Таа не напаѓа – таа балансира. И токму затоа бактериите тешко развиваат отпорност. 

КОГА АНТИБИОТИКОТ ПОВЕЌЕ НЕ ПОБЕДУВА

Приказната за антибиотската резистенција — проблем што не го чувствуваме додека лекот навистина не ни затреба. Постоеше  време кога една бактериска инфекција можеше да биде многу посериозна закана отколку што денес можеме да замислиме. Потоа дојдоа антибиотиците. Тие ја променија медицината. Овозможија успешно лекување на тешки бактериски инфекции, направија многу операции побезбедни и станаа едно од најважните оружја против инфекции опасни по живот. Но денес се соочуваме со еден необичен парадокс: Колку понерационално ги користиме антибиотиците, толку поголема е опасноста еден ден да не можеме да сметаме на нив кога навистина ќе ни бидат потребни.

Светската здравствена организација ја смета антимикробната резистенција за една од големите глобални здравствени закани. Според најновите податоци, приближно 1 од 6 лабораториски потврдени бактериски инфекции во светот во 2023 година била резистентна на антибиотска терапија, а резистенцијата се зголемувала кај повеќе од 40% од следените комбинации бактерии–антибиотици во периодот 2018–2023. Тоа не е приказна за некоја далечна иднина. Тоа се случува сега.

Но што всушност значи „антибиотикот повеќе не делува“?

Тука постои една многу важна заблуда. Човекот не станува отпорен на антибиотикот. Бактеријата станува отпорна. Кога бактериите се изложени на антибиотик, чувствителните бактерии се уништуваат или нивниот раст се запира. Но во бактериската популација може да постојат или да се појават варијанти со механизми што им овозможуваат да преживеат. Тие преживуваат. Се размножуваат. Можат да ги пренесат гените за резистенција и на други бактерии. И следниот пат истиот антибиотик може да има многу помал ефект — или воопшто да не делува. Антимикробната резистенција е природен биолошки процес, но неправилната и прекумерната употреба на антибиотици значително го забрзува.

„Ама мене антибиотикот секогаш ми помага кога сум настината…“

Ова го слушаме многу често. Но настинката најчесто е вирусна инфекција. Антибиотикот е создаден да делува против одредени бактерии, а не против вирусите што предизвикуваат настинка и грип. Не делува ниту кај повеќето случаи на акутен бронхитис. Затоа:
жолт или зелен секрет ≠ автоматски антибиотик
кашлица ≠ автоматски антибиотик
температура ≠ автоматски антибиотик
болно грло ≠ автоматски антибиотик
Понекогаш зад овие симптоми навистина стои бактериска инфекција и антибиотикот е оправдан. Но одлуката треба да произлезе од клиничката слика и, кога е потребно, од соодветна дијагностика — не од навиката: „Минатиот пат го пиев овој и ми помогна.“

Секој антибиотик остава биолошка трага

Антибиотикот не влегува во организмот со способност да препознае: „Ова е лошата бактерија, неа ќе ја нападнам, а сите други ќе ги оставам.“ Во зависност од антибиотикот, спектарот на дејство и местото на инфекцијата, терапијата може да влијае и врз дел од  микроорганизмите што нормално живеат во и на нашето тело. А тука доаѓаме до цревниот микробиом. Во цревата живее сложен екосистем од микроорганизми кој учествува во дигестијата, метаболизмот, создавањето на одредени метаболити и комуникацијата со имунолошкиот систем. Затоа по антибиотска терапија кај некои луѓе се јавуваат: надуеност, промени во столицата, дијареја, дигестивна чувствителност или габични инфекции. Но тука не сакам да паднеме во другата крајност. Нарушувањето на микробиомот не значи дека антибиотикот е „лош“. Ако имаме сериозна бактериска инфекција, приоритет е таа инфекција да биде правилно лекувана. Цревната рамнотежа можеме потоа да ја поддржуваме. Нелекуваната сериозна бактериска инфекција може да има многу потешки последици.

Проблемот не е антибиотикот. Проблемот е неговата погрешна употреба.

Ова е суштината на целата приказна. Јас не би ја водела оваа тема како борба: природно против антибиотик. Тоа е погрешна битка. Антибиотикот има свое место. Билките, исхраната, сонот, одморот, ферментираната храна и другите форми на природна поддршка имаат свое место. Мудроста е да знаеме кога што е потребно. Проблемот започнува кога антибиотик се зема:
— за вирусна настинка или грип;
— без лекарска проценка;
— затоа што „останале неколку таблети дома“;
— од антибиотик препишан на друг член од семејството;
— во погрешна доза или на погрешен начин.
CDC советува антибиотиците да се земаат само кога се потребни и точно како што се препишани, да не се делат со други и да не се чуваат „за следниот пат“.

А што се случува кога антибиотикот навистина повеќе не победува?

Тогаш една инфекција која порано можела релативно лесно да се лекува може да стане многу покомплицирана. Може да биде потребен друг антибиотик. Понекогаш антибиотик со поширок спектар. Понекогаш интравенска терапија. Понекогаш подолга хоспитализација. А кај некои мултирезистентни инфекции изборот на ефективни антибиотици станува многу ограничен. Токму затоа антибиотската резистенција не е само проблем за луѓето кои „пијат многу антибиотици“. Резистентните бактерии можат да се шират меѓу луѓето и низ здравствениот систем, храната, животните и животната средина. Одлуката на еден човек може да има последици што одат подалеку од неговото тело.

 

А каде е местото на пробиотикот?

Овде исто така сакам да избегнеме една популарна заблуда:  „Ќе пијам антибиотик, ама ќе земам пробиотик и проблемот е решен.“ Не е толку едноставно. Пробиотикот не може да ја поништи непотребната употреба на антибиотик. И не постои еден универзален пробиотик кој магично го „враќа микробиомот“. Одредени пробиотски соеви можат да бидат корисни во специфични ситуации, особено во контекст на антибиотик-асоцирана дијареја, но ефектот зависи од конкретниот сој, дозата и пациентот. Затоа јас повеќе сакам да размислувам за обнова на екосистем, а не само за додавање една капсула.

ПО АНТИБИОТИК — НЕ „ДЕТОКС“, ТУКУ ОБНОВА

На организмот не му е потребно агресивно „чистење“ на антибиотикот.  Твоа е уште една тема околу која мора да бидеме внимателни. Она што има повеќе смисла е постепено враќање кон добра основа: разновидна растителна храна, доволно растителни влакна ако се толерираат, ферментирани намирници ако одговараат, доволно протеини, хидратација, сон, движење и постепено враќање на нормалниот ритам. Не мора организмот по терапијата да го бомбардираме со десет суплементи, пет чаеви и три „детокс“ препарати. Понекогаш помалку, но правилно избрано, е многу повеќе.

ПРИРОДНО НЕ ЗНАЧИ „НАМЕСТО АНТИБИОТИК“

Ова особено сакам да го нагласам како некој кој работи со билки и природна поддршка. Лукот, мајчината душица, ориганото, жалфијата, медот и многу други природни состојки содржат интересни биоактивни соединенија. Но лабораториското антимикробно дејство на некоја билка не значи дека таа може да замени антибиотик кај пневмонија, пиелонефритис, сепса или друга сериозна бактериска инфекција. Холистичкиот пристап не значи отфрлање на медицината. За мене, вистинскиот холистички пристап значи да знаеме: кога на телото му е потребна поддршка, кога му е потребно време, кога треба дополнителна дијагностика, и кога му е потребен антибиотик — без одложување.

Најмоќниот антибиотик е оној што сè уште делува кога навистина ни треба

Можеби токму тука треба да го смениме начинот на кој размислуваме. Антибиотикот не е нешто што треба да го демонизираме. Но не е ниту нешто што треба да го земаме лесно. Секојпат кога правилно одлучуваме дека не ни е потребен, го чуваме неговото место во медицината. Секојпат кога е навистина потребен и го користиме правилно, го користиме онака како што бил замислен — како моќна медицинска алатка против бактериски инфекции. А кога ќе престанеме да го користиме како автоматски одговор на секоја температура, кашлица, секрет или болно грло, не го отфрламе антибиотикот. Го чуваме. За денот кога можеби навистина ќе ни треба.

Најголемата грешка не е да земеш антибиотик кога навистина ти е потребен. Грешката е да го трошиш неговото оружје кога воопшто нема непријател против кој може да делува. 

Антибиотиците спасија милиони животи. Нашата одговорност е да помогнеме да продолжат да го прават тоа.

Текстот е едукативен и не заменува лекарска проценка, дијагноза или терапија. Не започнувајте, менувајте или прекинувајте антибиотска терапија без совет од квалификуван здравствен работник.

© HYGIA by Dr. Viktorija. Текстот, фотографиите и визуелниот дизајн се заштитени со авторски права. Секое неовластено користење, копирање или споделување без согласност е забрането.