Hygia Совети Здравје и состојби

Не ме интересира само што ти е, ме интересира и зошто ти е!

Понекогаш се шегувам дека јас не сум класична докторка, јас сум „малку необична докторка“. Не затоа што намерно сакам да правам нешто спротивно од сите други. Не затоа што сакам да докажувам дека мојот пат е единствениот исправен. Туку затоа што кога пред мене ќе застане човек со проблем, мене никогаш не ми е доволно само името на проблемот.„Имам гастрит.“
„Имам инсулинска резистенција.“
„Имам проблем со тироидната.“
„Имам акни.“
„Имам несоница.“
„Постојано сум надуена.“
„Немам енергија.“
„Сите анализи ми се добри, ама јас не се чувствувам добро.“

Во мојата глава тогаш не се појавува само едно прашање: Што да ти дадам? Се појавуваат многу други.
Кога започна?
Што се случуваше во твојот живот тогаш?
Како спиеш?
Како се храниш?
Како ти работи дигестијата?
Каква ти е столицата?
Имаш ли циклус и каков е?
Како реагираш на стрес?
Каква ти е енергијата наутро?
Што јадеш кога си уморна?
Колку време поминуваш во напнатост?
Дали телото веќе долго време се обидува нешто да ти каже?
Токму затоа мојата реченица е: „Не ме интересира само што ти е. Ме интересира зошто ти е.“

Дијагнозата е важна. Но не е целата приказна. Да се знае што се случува во организмот е важно. Анализите се важни. Медицинската историја е важна. Дијагнозата може да даде насока, да исклучи сериозни состојби и да помогне да разбереме што бара внимание. Но човекот пред мене е многу повеќе од еден збор напишан во медицински извештај. Двајца луѓе можат да имаат иста дијагноза, а зад неа да стојат две сосема различни животни приказни. Едниот можеби со години спие по пет часа. Другиот живее под постојан психички притисок. Едниот прескокнува оброци, па навечер јаде сè што ќе најде. Другиот има години дигестивни проблеми. Некој земал повеќе терапии. Некој поминал низ тежок период. Некој едноставно со години ги игнорирал малите сигнали затоа што морал да „издржи“. Затоа јас не сакам да гледам само каде телото боли. Сакам да ја видам целата слика.

Симптомот понекогаш е само последното поглавје

Често проблемот што најмногу го забележуваме не е првото нешто што започнало. Косата почнува да паѓа. Кожата почнува да реагира. Стомакот се надувува. Циклусот се менува.  Енергијата исчезнува. Спиењето станува плитко. Се појавува потреба за благо.Телото полесно натрупува килограми. И тогаш целото внимание го насочуваме кон последниот симптом. Но јас сакам да се вратам неколку чекори назад.

Не само: „Како да го смириме ова?“ Туку: „Што се случувало пред ова?“ Затоа понекогаш мојата работа личи на составување сложувалка. Еден лабораториски резултат е едно парче. Исхраната е друго. Дигестијата е трето. Сонот е четврто. Хормоните, стресот, движењето, лековите, навиките, емоционалното оптоварување, животниот ритам — сите се дел од истата слика. И дури кога ќе почнеме да ги ставаме парчињата едно до друго, понекогаш се појавува нешто што претходно не сме го гледале.

„Сите анализи ми се добри, ама јас не сум добро.“
Ова е една од речениците што ги слушам многу често. И можам да замислам колку е фрустрирачки. Ти знаеш дека нешто се променило. Телото ти го кажува тоа секој ден. Стануваш уморна. Имаш тежина во стомакот. Не спиеш како порано. Имаш магла во главата.  Нешто ти пречи, а не можеш да го објасниш. И кога ќе добиеш резултати во референтни граници, почнуваш да се прашуваш: „Дали си замислувам?“ Јас не сакам разговорот да заврши тука. Добриот резултат е добра вест. Но твоето субјективно чувство исто така е информација. Не секој проблем веднаш ќе остави голем црвен знак на лабораториски лист. Понекогаш вреди да се погледне начинот на живот, исхраната, дигестијата, сонот, стресот и целата временска линија на симптомите.

Не сакам да го замолчам телото пред да го слушнам

Во денешно време природно е да сакаме брзо решение. Главоболка — нешто за главоболката. Несоница — нешто за спиење. Надуеност — нешто за надуеноста. Замор — нешто „за енергија“. И понекогаш навистина е потребно да се олесни симптомот. Но мене ме интересира уште едно прашање:

Што ако симптомот постојано се враќа затоа што причината никогаш не била разгледана?

Тогаш додавањето уште еден производ, чај, суплемент или режим не мора да биде вистинската следна одлука. Понекогаш повеќе не значи подобро. Понекогаш најпаметното нешто што можеме да го направиме е да застанеме и да одредиме приоритет.

Што прво? Тоа прашање многу ми значи.

Не верувам во шаблони

Човечкото тело не е Excel табела. Не можеме секој човек со ист симптом да го ставиме во иста колона и да му дадеме идентични насоки. Истата храна на еден човек може прекрасно да му одговара, а кај друг да предизвикува тегоби. Истата билка не е автоматски вистински избор за секого. Ист режим на исхрана не одговара на секој животен стил. Истата препорака нема ист ефект кај жена која спие осум часа и кај жена која со години живее исцрпена. Затоа персонализираниот пристап за мене не значи само да го сменам името на насловната страница. Тоа значи да ја разберам личноста.

А каде е природната медицина во сето ова?

За мене природната медицина не е натпревар против конвенционалната медицина. И не е тегла со 15 суплементи. Не е ни идејата дека сè што е „природно“ автоматски е добро. Природниот пристап може да вклучи храна, билки, нутритивна поддршка, подобрување на сонот, работа со стресот, движење, дишење, телесни техники, ритуали и промени во секојдневниот живот. Но секоја од тие алатки треба да има причина зошто ја користиме.

Не сакам да кажам: „Еве ти 12 работи. Почни ги сите.“ Многу повеќе сакам да кажам: „Од сè што го гледам, ова се нашите први три приоритети.“ Тоа за мене е многу повредно.

Телото и животот не се две одделни приказни

Не можам да разговарам со жена која три години живее во хроничен стрес, а да се однесувам како нејзиниот нервен систем да нема никаква врска со тоа како се чувствува. Не можам да разговарам за дигестијата, а никогаш да не прашам како јаде. Дали седнува? Дали џвака? Дали јаде во трчање? Дали цел ден пие кафе и навечер се обидува да надомести? Не можам да зборувам за енергијата без да прашам за сонот. Ниту за хормоналната рамнотежа без да ја погледнам пошироката слика. Човекот не е составен од изолирани фиоки. Телото функционира како систем. И затоа холистичкиот пристап за мене значи токму тоа: да не го изгубам човекот додека го анализирам проблемот.

Сакам да знаеш зошто нешто правиме

Не сакам човекот со кој работам само послушно да следи листа. Сакам да разбере. Зошто го менуваме појадокот? Зошто обрнуваме внимание на спиењето? Зошто не додаваме веднаш уште пет суплементи? Зошто понекогаш една мала навика може да биде поважна од нешто многу „пософистицирано“? Кога ќе го разбереш сопственото тело, престануваш постојано да бараш некој друг да ти каже што да правиш. Почнуваш да ги препознаваш сигналите порано. А тоа е една од најголемите вредности што можам да ти ја дадам.

Не барам совршенство

Холистичкиот пристап не значи дека од утре треба да станеш совршена. Да стануваш во 5 часот. Да медитираш. Да вежбаш. Да готвиш органска храна три пати дневно.Да пиеш седум чаеви. Да земаш дванаесет суплементи. Да легнуваш во 21 часот. И никогаш повеќе да не изедеш парче торта. Тоа не е здравје. Тоа е нова форма на притисок. Јас повеќе верувам во промени што човек реално може да ги живее.Мали, разумни, одржливи чекори. Затоа што план што е „совршен“ на хартија, а никој не може да го следи, нема голема вредност.

Мојата работа не е да ти кажам дека си направила сè погрешно

Многу луѓе доаѓаат веќе доволно исплашени. И доволно изморени. Некои се лути на своето тело. Некои се разочарани од себе. Некои со години се обидувале да ослабат, да ја поправат кожата, да ја средат дигестијата или конечно да имаат енергија. Последното нешто што им треба е уште некој да им каже: „Самата си виновна.“ Мене ме интересира: Добро. Ова е местото каде што сме денес. Што можеме да направиме од тука? Без срам. Без казна. Без страв. Со разбирање, но и со лична одговорност.

Можеби затоа сум „малку необична докторка“

Не сум класичен лекар кој поставува дијагноза и препишува терапија. Во мојата работа најмногу анализирам медицинска документација, лабораториски резултати, симптоми, навики, исхрана и животен контекст, а физички со луѓето работам преку абдоминалната/висцералната масажа. Мојата улога е поинаква.  Да поставам уште едно прашање. Да забележам врска која можеби била пропуштена. Да помогнам човекот подобро да го разбере сопственото тело. Да создадеме план што има смисла токму за него. И можеби навистина понекогаш почнувам од „другата страна“. Но тоа е затоа што мене никогаш не ми било доволно само да знам: ШТО ти е. Сакам да ја разберам приказната што дошла пред тоа. Сакам да знам: ЗОШТО? А потоа можеме многу подобро да разговараме за следното прашање: „Што можеме да направиме од тука?“

HYGIA by Dr. Viktorija 🌿
Не ме интересира само што ти е.
Ме интересира зошто ти е.

Затоа што зад секој симптом стои човек. А човекот секогаш заслужува да биде погледнат како целина.